Евангелие Според Јован

Една вистинска приказна

1
12 А на сите кои Го примија, им даде власт да станат Божји деца, на оние кои веруваат во Неговото име
book-open-2 READ

1Во почеток беше Словото, и Словото беше во Бога, и Словото беше Бог. 2Тоа беше во почетокот во Бога. 3Сè стана преку Него, и ништо, што стана, не стана без Него. 4Во Него беше живот и животот им беше светлина на луѓето. 5И светлината свети во темнина, и темнината не ја опфати. 6Се јави човек, испратен од Бога, по име Јован. 7Тој дојде за сведоштво, за да сведочи за Светлината, та сите да поверуваат преку него. 8Тој не беше светлина, туку да сведочи за Светлината. 9Вистинската Светлина, Која го осветлува секој човек, доаѓаше во светот. 10Беше во светот, и светот стана преку Него, но светот не Го позна. 11Дојде при Своите, но Неговите не Го примија. 12А на сите кои Го примија, им даде власт да станат Божји деца, на оние кои веруваат во Неговото име: 13кои не се родија ниту од крв, ниту од телесна похот, ни од волја на маж, туку од Бога. 14И Словото стана тело и се настани меѓу нас и ја видовме Неговата слава, славата што ја има како Единороден од Таткото - полн со благодат и вистина. 15Јован сведочи за Него и вика: „Еве Го Оној, за Кого реков: Оној, Кој доаѓа после мене, пред мене е, зашто беше пред мене!” 16И, сите ние примивме од Неговата полнота: благодат врз благодат. 17Зашто, Законот беше даден преку Мојсеја, а преку Исуса Христа дојдоа благодатта и вистината. 18Бога никој никогаш не Го видел; Единородниот СинБог, Кој е во прегратката на Таткото, Тој Го објави.”

2
19 А Исус им одговори и рече: „Разурнете го овој Храм, и ќе го подигнам за три дни!”
book-open-2 READ

13И беше близу јудејската Пасха и Исус се искачи во Ерусалим. 14И ги најде во Храмот продавачите на волови, овци и гулаби и менувачите на сребреници - како седат таму. 15Направи бич од јажиња и ги истера сите од Храмот, заедно со овците и воловите. На среброменувачите им ги истури сребрениците и им ги преврте масите. 16А на оние, кои продаваа гулаби им рече: „Однесете го тоа оттука! Не правете трговска куќа од Домот на Мојот Татко!” 17Неговите ученици се сетија дека е напишано: „Ревноста за Твојот Дом Ме изеде.” 18Тогаш Јудејците Го прашаа: „Со каков знак ни го докажуваш тоа што го правиш?” 19А Исус им одговори и рече: „Разурнете го овој Храм, и ќе го подигнам за три дни!” 20Тогаш Јудејците рекоа: „Храмов е граден четириесет и шест години, а Ти за три дни ли ќе го подигнеш?” 21Но Тој зборуваше за Храмот на Своето тело. 22Кога воскресна, пак, од мртвите, Неговите ученици се сетија дека го рече тоа; па им поверуваа на Писмото и на зборот, што Исус им го рече. 23А кога беше во Ерусалим, на празникот Пасха, мнозина поверуваа во Неговото име, гледајќи ги знаците, што ги правеше. 24Но Самиот Исус не им се доверуваше, зашто ги познаваше сите, 25и немаше потреба некој да Му сведочи за човекот, зашто Самиот знаеше што има во човекот.

3
16 Зашто Бог толку го возљуби светот, што Го даде Својот Единороден Син, та секој, кој верува во Него, да не загине, туку да има вечен живот.
book-open-2 READ

1А меѓу фарисеите имаше еден човек, по име Никодим, јудејски старешина. 2Тој дојде ноќе при Исуса и Му рече: „Рави! Знаеме дека си дојден од Бога како Учител; зашто никој не може да ги прави чудесата, што ги правиш Ти, ако Бог не е со него.” 3Исус му одговори и рече: „Вистина, вистина, ти велам, ако некој не се роди одозгора, тој не може да го види Божјото Царство.” 4Никодим Му рече: „Како може да се роди човек, кога е стар? Зар може по вторпат да влезе во утробата на мајка си и да се роди?” 5Исус му одговори: „Вистина, вистина, ти велам: ако некој не се роди од вода и Дух, тој не може да влезе во Божјото Царство. 6Роденото од тело, тело е; а роденото од Дух, дух е. 7Не чуди се што ти реков: треба да се родите одозгора. 8Ветерот дува каде што сака, и го слушаш неговиот шум, а не знаеш од каде доаѓа и каде оди. Така е со секој, кој е роден од Дух.” 9Никодим Му одговори и рече: „Како може да биде тоа?” 10Исус му одговори и рече: „Ти си Израелев учител, и не го знаеш ли тоа? 11Вистина, вистина, ти велам: зборуваме за она, што знаеме; сведочиме за она што сме виделе; а сепак не го примате нашето сведоштво. 12Не верувате кога ви зборував за земните работи, како ќе верувате ако ви кажувам за небесните? 13И никој не отишол во небо, освен Оној, Кој слезе од небото, Човечкиот Син Кој е во небото.” 14И како што Мојсеј ја издигна змијата во пустината, така треба да биде издигнат Човечкиот Син, 15та секој, кој верува во Него да не загине, но да има вечен живот. 16Зашто Бог толку го возљуби светот, што Го даде Својот Единороден Син, та секој, кој верува во Него, да не загине, туку да има вечен живот. 17Зашто Бог не Го испрати Својот Син во светот за да му суди на светот, туку светот да се спаси преку Него. 18Кој верува во Него, нему не му се суди; а кој не верува веќе е осуден, зашто не поверувал во името на Единородниот Божји Син. 19Судот се состои во ова: Светлината дојде во светот, а луѓето ја засакаа темнината повеќе од светлината, зашто делата им беа зли. 20Зашто, секој кој прави зло ја мрази светлината и не оди кон светлината, за да не бидат откриени неговите дела; 21а кој ја извршува вистината оди кон светлината, за да се видат неговите дела, бидејќи се извршени во Бога.

4
14 А кој пие од водата што Јас ќе му ја дадам нема да ожедни довека
book-open-2 READ

1Кога Исус научи дека фарисеите чуле оти Тој придобива и крштава повеќе ученици од Јована, 2- иако самиот Исус не крштаваше, туку Неговите ученици, - 3ја напушти Јудеја и се врати пак во Галилеја. 4А требаше да помине преку Самарија. 5Така дојде во самарјанскиот град, наречен Сихар, во близина на земјиштето, што Јаков му го даде на сина си Јосифа; 6таму беше Јакововиот Извор. А Исус, изморен од патот, седеше така на кладенецот; беше околу шестиот час. 7Дојде една самарјанка, за да нацрпи вода. Исус и рече: „Дај Ми да пијам!” 8Зашто учениците Негови беа отишле во градот да купат храна. 9Самарјанката Му рече: „Како Ти, Јудеец, бараш од мене, Самарјанка, да пиеш?” Имено, Јудејците не општеа со Самарјанците. 10Исус и одговори и рече: „Кога би знаела за Божјиот дар и Кој е Оној што ти вели: ‘Дај ми да пијам,’ ти би побарала од Него и Тој би ти дал жива вода.” 11Жената Му одговори: „Нема со што да нацрпиш, господине, а кладенецот е длабок! Тогаш, од каде имаш жива вода? 12Зар си Ти поголем од нашиот татко Јаков, кој ни го даде кладенецов? И тој самиот пиеше од него, и неговите синови, и неговиот добиток!” 13Исус во одговор и рече: „Секој кој пие од водава, пак ќе ожедни. 14А кој пие од водата што Јас ќе му ја дадам нема да ожедни довека, туку водата што ќе му ја дадам, ќе стане во него извор на вода, извирајќи во вечен живот.” 15Жената Му рече: „Господине, дај ми од водата за да не ожеднувам и да не доаѓам тука да нацрпувам!” 16Исус и рече: „Оди, повикај го мажа си и врати се тука!” 17Жената му одговори и рече: „Јас немам маж.” Исус и рече: „Право кажа дека немаш маж; 18зашто си имала петмина мажи и тој, кого го имаш сега, не ти е маж. Тоа го рече вистинито.” 19Жената Му рече: „Господине, гледам дека си пророк. 20Нашите татковци Му се поклонуваа на Бога на оваа планина, а вие велите дека Ерусалим е местото каде што треба да се поклонуваме.” 21Исус и рече: „Верувај Ми жено, дека иде часот кога не ќе Му се поклонувате на Таткото ниту на оваа планина ниту во Ерусалим. 22Вие не знаете на што му се поклонувате; ние знаеме на што му се поклонуваме, зашто Спасението доаѓа од Јудејците. 23Но доаѓа час - и веќе е тука - кога вистинските поклоници ќе Му се поклонуваат на Таткото во дух и вистина, зашто Таткото сака такви поклоници. 24Бог е Дух, и кои Му се поклонуваат, треба да Му се поклонуваат во дух и вистина.” 25Жената Му одговори: „Знам дека ќе дојде Месија, Кој се вика Христос. Кога ќе дојде Тој, ќе ни објави сè.” 26Исус и рече: „Јас Сум, Кој зборувам со тебе.” 27Тогаш дојдоа Неговите ученици и се чудеа дека разговара со жена, но ниеден не рече: „Што сакаш?” или: „Зошто разговараш со неа?” 28Тогаш жената ја остави својата стомна и отиде во градот, па им рече на луѓето: 29”Дојдете да Го видите Човекот, Кој ми кажа сè што сум направила! Да не е Тој Христос?” 30Тие излегоа од градот и тргнаа кон Него. 31Во меѓувреме учениците Го молеа Исуса: „Рави, јади!” 32Но Тој им рече: „Јас имам храна за јадење, што вие не ја знаете.” 33Тогаш учениците зборуваа помеѓу себе: „Да не му донесол некој јадење?” 34Исус им рече: „Мојата храна е да ја исполнувам волјата на Оној, Кој ме прати и да го завршам Неговото дело. 35Зар вие не велите: „Уште четири месеци и жетвата ќе дојде! „Еве, ви велам: подигнете ги своите очи и видете ги нивите како побелеле за жетва! 36Жетварот веќе добива плата и собира плод за вечен живот; да се радуваат заедно и сејачот и жетварот. 37Зашто во ова вистинска е пословицата: „Еден сее, а друг жние!” 38Јас ве испратив да жниете, каде што не сте се труделе. Други се трудеа, а вие влеговте во нивниот труд. 39И мнозина самарјани од градот поверуваа во Него по зборовите на жената, која сведочеше: „Тој ми кажа сè што сум направила.” 40Па кога Самарјанците дојдоа при Него, Го замолија да остане кај нив; и остана таму два дена. 41И уште повеќе од нив поверуваа заради Неговото слово, 42а на жената и велеа: „Сега не веруваме заради твоето кажување; зашто самите чувме и знаеме дека Тој е навистина Христос, Спасителот на светот.”

5
24 Вистина, вистина ви велам: кој го слуша Моето слово и верува во Оној, Кој Ме прати, има вечен живот и не доаѓа на суд, туку преминал од смртта во живот.
book-open-2 READ

19А Исус пак во одговор им рече: „Вистина, вистина ви велам, Синот не може ништо да прави Сам од Себе, ако не види што прави Таткото; зашто она што го прави Таткото истото го прави и Синот. 20Зашто Таткото Го љуби Својот Син и Му покажува сè што прави Сам и ќе Му покаже дела уште поголеми од овие, за да се чудите. 21Зашто, како што Таткото воскреснува мртви и ги оживува, така и Синот ги оживува оние, кои што сака. 22Таткото не суди никого, туку целиот суд Му го даде на Синот, 23за сите да Го почитуваат Синот, како што Го почитуваат Таткото. Кој не Го почитува Синот - не Го почитува ни Таткото, Кој Го пратил. 24Вистина, вистина ви велам: кој го слуша Моето слово и верува во Оној, Кој Ме прати, има вечен живот и не доаѓа на суд, туку преминал од смртта во живот. 25Вистина, вистина ви велам дека доаѓа час - и веќе е тука - кога мртвите ќе го чујат гласот на Божјиот Син, и кои ќе го чујат, ќе живеат. 26Зашто како што Таткото има живот во Себе, така Му даде и на Синот да има живот во Себе. 27Му ја даде и власта да суди, зашто е Човечки Син. 28Не чудете се на тоа, зашто доаѓа час во кој сите, кои се во гробовите, ќе го чујат Неговиот глас 29и ќе излезат од нив, кои правеле добро, ќе воскреснат за живот; а кои правеле зло, ќе воскреснат за осудување. 30Јас ништо не можам да правам Сам од Себе; како што слушам, така судам, и Мојот суд е праведен, зашто не ја барам Мојата волја, туку волјата на Оној, Кој Ме прати.

6
35 „Јас Сум Лебот на животот; кој доаѓа при Мене нема да огладни и кој верува во Мене нема никогаш да ожедни.
book-open-2 READ

25Кога Го најдоа на другата страна на морето, Му рекоа: „Рави, кога дојде тука?” 26Во одговор Исус им рече: „Вистина, вистина ви велам, Ме барате не затоа што ги видовте чудните знаци, туку дека ги јадевте лебовите и се наситивте. 27Работете не за храна што се расипува, но за храна што останува за вечен живот, а што ќе ви ја даде Човечкиот Син, зашто Бог Таткото Го потврди Него за тоа!” 28Тогаш Му рекоа: „Што да правиме, за да ги извршуваме Божјите дела?” 29Исус одговори и им рече: „Божјото дело е ова: да верувате во Оној, Кого Тој Го испратил.” 30Тие пак Му рекоа: „Каков знак правиш, да видиме и да Ти поверуваме? Што правиш?” 31Нашите татковци јадеа мана во пустината, како што е напишано: „Им даде да јадат леб од небото.” 32Исус им рече: „Вистина, вистина ви велам, Мојсеј не ви даде леб од небото; а Мојот Татко ви дава вистински леб од небото. 33Зашто Божјиот леб е Оној, Кој слегува од небото и му дава живот на светот.” 34Тогаш Му рекоа: „Господи, давај ни го секогаш тој леб.” 35Исус им рече: „Јас Сум Лебот на животот; кој доаѓа при Мене нема да огладни и кој верува во Мене нема никогаш да ожедни. 36Но ви реков: иако Ме видовте - не верувате. 37Сè што Таткото Ми дава ќе дојде при Мене, а оној кој доаѓа при Мене нема да го исфрлам; 38зашто не слегов од Небото да ја извршувам Мојата волја, туку волјата на Оној, Кој Ме испратил. 39А ова е волјата на Оној, Кој Ме пратил: да не изгубам ништо од сè што Ми дал, туку да го воскреснам во последниот ден. 40Зашто тоа е волјата на Мојот Татко, секој што ќе Го види Синот и поверува во Него - да има вечен живот, и Јас ќе го воскреснам во последниот ден.” 41Тогаш Јудејците роптаа против Него зашто рече: „Јас Сум лебот што слезе од небото”, 42и зборуваа: „Не е ли овој Исус, синот Јосифов, чии татко и мајка ги познаваме? Како вели сега: ‘Слегов од небото?’ 43Исус одговори и им рече: „Не роптајте меѓу себе. 44Никој не може да дојде при Мене, ако не го привлече Таткото, Кој ме прати, и Јас ќе го воскреснам во последниот ден. 45Кај пророците е напишано: ‘Сите ќе бидат научени од Бога.’ Секој, кој чул од Таткото и научил, доаѓа при Мене. 46Не дека некој Го видел Таткото, освен Оној Кој доаѓа од Бога, Тој Го видел Таткото. 47Вистина, вистина ви велам: кој верува во Мене има вечен живот.” 48”Јас Сум Лебот на животот. 49Вашите татковци јадеа мана во пустината и изумреа. 50Ова е лебот што слегува од небото, за да не умре оној, кој јаде од него. 51Јас Сум живиот леб што слезе од небото. Ако некој јаде од овој леб ќе живее довека; а лебот, што ќе го дадам, Јас, е Моето тело, што ќе го предадам за животот на светот.” 52Тогаш Јудејците се препираа меѓу себе и велеа: „Како може Овој да ни го даде Своето тело да го јадеме?” 53Тогаш Исус им рече: „Вистина, вистина ви велам: ако не го јадете телото на Човечкиот Син и не ја пиете Неговата крв, не ќе имате живот во себе. 54Кој го јаде Моето тело и ја пие Мојата крв, има вечен живот; и Јас ќе го воскреснам во последниот ден. 55Зашто Моето тело е вистинска храна, и Мојата крв - вистинско питие. 56Кој јаде од Моето тело и пие од Мојата крв - останува во Мене и Јас во него. 57Како што Мене Ме испрати живиот Татко, и Јас живеам преку Таткото, така и оној кој Ме јаде Мене, ќе живее преку Мене. 58Ова е лебот што слезе од небото. Не како што вашите татковци јадеа мана и изумреа, кој јаде од овој леб, ќе живее довека.” 59Ова го рече кога поучуваше во Капернаум, во синагогата.

8
12 „Јас Сум Светлината на светот; кој Ме следи, нема да оди во темнина, туку ќе ја има Светлината на Животот.”
book-open-2 READ

12Исус пак прозбори натаму, велејќи: „Јас Сум Светлината на светот; кој Ме следи, нема да оди во темнина, туку ќе ја има Светлината на Животот.” 13Затоа фарисеите Му рекоа: „Ти сведочиш Сам за Себе Твоето сведоштво не е вистинско.” 14Исус во одговор им рече: „Иако сведочам Сам за Себе, Моето сведоштво е вистинско, зашто знам од каде дојдов и каде одам, а вие не знаете од каде дојдов и каде одам. 15Вие судите според телото; Јас не му судам никому. 16И ако и судам Мојот суд е вистински, зашто не Сум Сам, туку - Јас и Мојот Татко, Кој Ме прати. 17И во вашиот закон пишува дека сведоштвото на двајца луѓе е вистинско. 18Јас сведочам за Себе и Мојот Татко, Кој Ме прати, сведочи за Мене.” 19Тогаш Му рекоа: „Каде е Твојот Татко?” Исус одговори: „Не Ме познавате ни Мене ни Мојот Татко; ако Ме познававте Мене, ќе Го познававте и Мојот Татко.” 20Овие зборови ги кажа, при ризницата, кога поучуваше во Храмот; и никој не Го фати, зашто уште не беше дошол Неговиот час.

9
3 „Не згрешил ни тој, ниту неговите родители, туку за да се пројават Божјите дела врз него.
book-open-2 READ

1И кога заминуваше виде човек слеп од раѓање. 2И Неговите ученици Го прашаа: „Рави, кој згрешил, тој или неговите родители, та се родил слеп?” 3Исус одговори: „Не згрешил ни тој, ниту неговите родители, туку за да се пројават Божјите дела врз него. 4Ние треба да ги извршуваме делата на Оној, Кој Ме прати, додека е ден; доаѓа ноќ, кога никој не ќе може да работи. 5Додека Сум во светот, Светлина Сум на светот.” 6Штом го рече тоа, плукна на земјата, направи кал со плунката и со неа ги намачка неговите очи, 7и му рече: „Оди, изми се во бањата Силоам; што значи: „Пратен”. Тој отиде, се изми и дојде прогледан. 8А соседите и оние, кои го гледаа порано како просјак, велеа: „Зар не е овој, кој седеше и просеше?” 9Едни велеа: „Тој е;” други велеа: „Не, а личи на него.” Тој велеше: „Јас сум!” 10Тогаш му рекоа: „Како ти се отворија очите?” 11Тој одговори: „Човекот, Кој се вика Исус, направи кал, ми ги намачка очите и ми рече: „Оди во Силоамската бања и измиј се; јас отидов, се измив и прогледав.” 12Му рекоа: „Каде е Тој?” Рече: „Не знам.”

10
11 ”Јас Сум Добриот Пастир. Добриот пастир го дава својот живот за овците.
book-open-2 READ

7Исус им рече пак: „Вистина, вистина ви велам: Јас Сум вратата на овците. 8Сите, кои дојдоа пред Мене, се крадци и разбојници; но овците не ги послушаа. 9Јас Сум вратата; кој ќе влезе низ Мене, ќе биде спасен, ќе влегува и ќе излегува и ќе најде пасиште. 10Крадецот влегува само да украде, да заколе и да погуби. Јас дојдов за да имаат живот и да го имаат изобилно.” 11”Јас Сум Добриот Пастир. Добриот пастир го дава својот живот за овците. 12Наемникот, кој не е овчар, кому овците не му припаѓаат, го гледа волкот како доаѓа, ги остава овците и бега; а волкот ги разграбува и ги распрснува; 13зашто е наемник и не се грижи за овците. 14Јас Сум Добриот Пастир: и ги познавам Моите и Моите Ме познаваат Мене. 15Како што Татко Ми Ме познава Мене, и Јас Го познавам Мојот Татко; и Јас го давам Мојот живот за овците. 16И други овци имам, што не се од овој овчарник; и нив треба да ги доведам, па ќе го слушаат Мојот глас и ќе биде едно стадо и еден Пастир. 17Таткото Ме љуби затоа, што Јас го давам Својот живот, за да го земам пак. 18Никој не Ми го одзема, туку Јас го давам Сам од Себе. Имам власт да го дадам, и имам власт да го земам пак. Оваа заповед ја примив од Мојот Татко.” 19Заради тие зборови пак настана раздор меѓу Јудејците. 20Мнозина од нив велеа: „Опфатен е од демон и безумствува, зошто Го слушате?” 21Други велеа: „Тоа не се зборови на опфатен од демон. Може ли демон да отвора очи на слепци?”

12
24 Вистина, вистина ви велам, ако пченичното зрно не падне во земјата и не умре, останува само; а ако умре, донесува многу плод.
book-open-2 READ

Меѓу поклониците, дојдени на празникот, имаше и некои Грци. 21Тие му пристапија на Филипа, кој беше од Галилејска Витсаида, и го помолија, велејќи: „Господине, сакаме да Го видиме Исуса. 22Филип отиде и му кажа на Андреја; потоа Андреј и Филип отидоа и Му кажаа на Исуса. 23А Исус им одговори: „Дојде часот да се прослави Човечкиот Син. 24Вистина, вистина ви велам, ако пченичното зрно не падне во земјата и не умре, останува само; а ако умре, донесува многу плод. 25Кој го љуби својот живот, ќе го изгуби, а кој го мрази својот живот на овој свет - ќе го запази за вечен живот. 26Ако некој Ми служи Мене - нека Ме следи; каде Сум Јас, таму ќе биде и Мојот слуга. Ако некој Ми служи Мене; Мојот Татко ќе го почитува него.”

13
34 Ви давам нова заповед: да се љубите еден со друг; како што Јас ве љубев вас, така и вие да се љубите еден со друг.
book-open-2 READ

31А кога излезе, Исус рече: „Сега се прослави Човечкиот Син, и Бог се прослави во Него. 32Ако Бог се прослави во Него, и Бог ќе Го прослави во Себе, и веднаш ќе Го прослави. 33Дечиња, уште малку сум со вас; ќе Ме барате, и како што им реков на Јудејците: каде одам Јас, вие не можете да дојдете, и вам ви го велам тоа сега. 34Ви давам нова заповед: да се љубите еден со друг; како што Јас ве љубев вас, така и вие да се љубите еден со друг. 35По тоа сите ќе познаат дека сте Мои ученици - ако имате љубов помеѓу себе!”

14
6 „Јас Сум Патот, и Вистината, и Животот. Никој не доаѓа при Татко Ми, освен преку Мене.
27 Ви оставам мир, ви го давам Мојот мир. Не ви го давам како што го дава светот.
book-open-2 READ

1„Да не се вознемирува вашето срце; вие верувате во Бога, верувајте и во Мене! 2Во Домот на Мојот Татко има многу живеалишта; ако не беше така, Јас ќе ви кажев, зашто одам да ви приготвам место. 3И кога ќе отидам и ви приготвам место, пак ќе дојдам и ќе ве земам при Себе, за да бидете и вие каде што Сум и Јас. 4А знаете каде одам Јас, и патот го знаете.” 5Тома Му рече: „Господи, не знаеме каде одиш! Како можеме да го знаеме патот?” 6Исус му рече: „Јас Сум Патот, и Вистината, и Животот. Никој не доаѓа при Татко Ми, освен преку Мене. 7Ако Ме бевте познавале, ќе Го познававте и Мојот Татко. А отсега Го познавате и сте Го виделе!” 8Филип Му рече: „Господи, покажи ни Го Таткото, и доста ние.” 9Исус му рече: „Толку време Сум со вас и не Ме позна, Филипе? Кој Ме видел Мене, Го видел и Таткото; тогаш како велиш ти: ‘Покажи ни Го Таткото!’ 10Не веруваш ли дека Јас Сум во Таткото и дека Таткото е во Мене? Зборовите што ви ги кажувам, не ги зборувам од Себе; Таткото, Кој е во Мене, Тој ги прави делата. 11Верувајте Ми дека Јас Сум во Таткото и Таткото во Мене; ако пак не - верувајте заради самите дела. 12Вистина, вистина ви велам: кој верува во Мене, делата што ги правам Јас, ќе ги прави и тој. Ќе прави и поголеми од овие, зашто Јас одам при Мојот Татко. 13И што и да побарате во Мое име, ќе направам, за да се прослави Таткото во Синот. 14Ако посакате нешто во Мое име, Јас ќе го направам.”

15”Ако Ме љубите, ќе ги пазите Моите заповеди. 16И Јас ќе Го молам Мојот Татко, и Тој ќе ви даде друг Утешител, за да биде со вас довека: 17Духот на Вистината, Кого светот не може да Го прими, зашто не Го гледа, ниту Го познава. Вие Го познавате, зашто Тој престојува при вас и ќе биде во вас. 18Нема да ве оставам сираци, ќе дојдам при вас. 19Уште малку, и светот веќе нема да Ме гледа, а вие ќе Ме видите; зашто Јас живеам и вие ќе живеете. 20Во оној ден ќе сознаете дека Јас Сум во Мојот Татко, и вие во Мене и Јас во вас. 21Кој ги има Моите заповеди и ги пази, тој Ме љуби; а кој Ме љуби Мене, него ќе го љуби Мојот Татко, и Јас ќе го љубам, и ќе му се јавам Сам.” 22Му рече Јуда, не Искариот: „Господи, што е тоа: дека ќе ни се јавиш нам, а не на светот?” 23Исус во одговор му рече: „Ако некој Ме љуби, ќе го држи Моето Слово, и Мојот Татко ќе го љуби: при него ќе дојдеме и при него ќе се настаниме. 24Кој не Ме љуби, не ги држи Моите зборови; а Словото што го слушате, не е Мое, туку е од Мојот Татко, Кој Ме испрати.” 25”Ова ви го зборував, додека бев при вас; 26а Утешителот, Светиот Дух, Кого Татко Ми ќе Го испрати во Мое име, ќе ве научи сè и ќе ве потсети на сè што ви реков. 27Ви оставам мир, ви го давам Мојот мир. Не ви го давам како што го дава светот. Нека не се вознемирува вашето срце и нека не се бои. 28Чувте дека ви реков: Одам и ќе ви дојдам. Ако Ме љубите, ќе се зарадувате дека одам при Мојот Татко, зашто Таткото е поголем од Мене. 29И ви реков сега, пред да се збидне, за да поверувате кога ќе се збидне. 30Не ќе зборувам уште многу со вас, зашто доаѓа кнезот на овој свет; тој нема ништо во Мене; 31но, за да сознае светот дека Јас Го љубам Таткото и дека правам, како што Ми заповеда Мојот Татко! Станете! Да си одиме оттука!”

15
5 Јас Сум лозата, а вие сте прачките. Кој останува во Мене, и Јас во него, тој дава многу плод; зашто без Мене не можете да направите ништо.
13 Никој нема поголема љубов од оваа: да го положи сопствениот живот за своите пријатели.
book-open-2 READ

1Јас Сум вистинската лоза и Мојот Татко е лозарот. 2Тој ја отстранува секоја прачка на Мене, што не дава плод; а ја чисти секоја, што дава плод, за да даде повеќе плод. 3Вие сте веќе чисти заради Словото, кое ви го зборував. 4Останете во Мене како Јас во вас. Како што прачката не може да роди плод сама од себе, ако не остане на лозата, така ни вие, ако не останете во Мене. 5Јас Сум лозата, а вие сте прачките. Кој останува во Мене, и Јас во него, тој дава многу плод; зашто без Мене не можете да направите ништо. 6Ако некој не остане во Мене, тој ќе биде исфрлен надвор како прачката, која е исушена, - ги собираат, ги фрлаат во оган и ги горат. 7Ако останете во Мене и ако Моите зборови останат во вас, барајте што и да посакате, и ќе ви биде. 8Мојот Татко се прославува со тоа, што ќе давате многу плод и ќе бидете Мои ученици. 9Како што Таткото Ме возљуби Мене, така и Јас ве возљубив вас. Останете во Мојата љубов! 10Ќе останете во Мојата љубов, ако ги запазите Моите заповеди, како што и Јас ги запазив заповедите на Мојот Татко и останувам во Неговата љубов. 11Ова ви го реков за да биде Мојата радост во вас, и вашата радост да биде полна. 12Ова е Мојата заповед: да се љубите еден со друг, како што Јас ве љубев вас. 13Никој нема поголема љубов од оваа: да го положи сопствениот живот за своите пријатели. 14Вие сте Ми пријатели - ако го вршите она, што Јас го заповедам. 15Не ве наречувам веќе слуги; зашто слугата не знае што прави неговиот господар; а вас ве нареков пријатели, зашто ви соопштив сè што чув од Мојот Татко. 16Вие не Ме избравте Мене, но Јас ве избрав вас и ве поставив да одите и да принесувате плод, и вашиот плод да остане; и Мојот Татко да ви даде сè што ќе посакате во Мое име. 17Ова ви заповедам: да се љубите еден со друг!”

17
14 Јас им го предадов Твоето Слово и светот ги замрази, зашто не се од светот, како што и Јас не Сум од светот.
book-open-2 READ

1Кога Исус го изговори тоа, ги подигна очите кон небото и рече: „Татко, часот дојде! Прослави Го Својот Син, за да Те прослави Синот Тебе, 2како што си му дал власт над секое тело, па да му даде на сè - што си Му дал - вечен живот. 3А ова е вечен живот: да Те познаат Тебе, Единствениот вистински Бог, и Исуса Христа, Кого си Го испратил. 4Јас Те прославив на земјата, го свршив делото, што Ми го даде да го извршам; 5а сега, Татко, прослави Ме Ти - во Себе Самиот - со славата што ја имав при Тебе, пред создавањето на светот.” 6”Им го јавив Твоето Име на луѓето, кои Ми ги даде од светот. Твои беа, и Ми ги даде Мене, и го запазија Твоето Слово. 7Сега сознаа дека е од Тебе сè, што си Ми дал; 8зашто зборовите, што Ми ги даде, им ги предадов ним, а тие ги примија и навистина сознаа дека излегов од Тебе, и поверуваа дека Ти Ме испрати. 9Јас се молам за нив; не се молам за светот, туку за оние, кои Ми ги даде, зашто се Твои, 10и сè Мое - е Твое, и Твоето - Мое; и се прославив во нив. 11И не Сум повеќе во светот, а тие се во светот, Јас идам при Тебе. Свети Татко, запази ги во Твое име оние, кои Ми ги даде, за да бидат едно, како што Сме и Ние. 12Додека бев со нив, Јас ги чував во Твое име оние, кои Ми ги даде, и ги запазив, па ниеден од нив не погина, освен синот на гибелта за да се исполни Писмото. 13А сега идам при Тебе, и го зборувам ова во светот, за да ја имаат Мојата радост полна во себе. 14Јас им го предадов Твоето Слово и светот ги замрази, зашто не се од светот, како што и Јас не Сум од светот. 15Не Те молам да ги земеш од светот, туку да ги запазиш од лукавиот. 16Тие не се од светот, како што ни Јас не Сум од светот. 17Освети ги во Својата вистина, Твоето Слово е вистината. 18Како што Ти Ме испрати Мене во светот, така и Јас ги испратив во светот; 19За нив се осветувам Себеси, за да бидат и тие осветени во вистината. 20Но не се молам само за нив, туку и за оние, кои преку нивните зборови - ќе веруваат во Мене, 21за да бидат сите едно; како што си Ти, Татко, во Мене, и Јас во Тебе, така и тие да бидат едно во Нас, за да верува светот дека Ти Ме испрати. 22И славата што Ми ја даде, им ја дадов ним, за да бидат едно, како што Сме Ние едно; 23Јас во нив, а Ти во Мене, за да бидат совршени во едно, за да знае светот дека Ти си Ме испратил, и дека ги љубеше нив, како што Ме љубеше Мене. 24Татко, сакам оние, кои си Ми ги дал, да бидат со Мене таму каде што Сум Јас, за да ја гледаат Мојата слава, што Ми ја даде, зашто Ме љубеше пред создавањето на светот. 25Праведен Татко, светот не Те запозна, а Јас Те запознав, и овие познаа дека Ти си Ме пратил. 26Им го објавив Твоето име и ќе го објавувам, па љубовта, со која Ме возљуби, да биде во нив, и Јас во нив.”

19
30 Штом Исус го прими оцетот, рече: „Се сврши!” па ја наведна главата и го предаде духот.
book-open-2 READ

28По ова Исус, знаејќи дека е свршено сè, за да се исполни Писмото, рече: „Жеден Сум!” 29Таму имаше сад, полн со оцет; тогаш закачија на трска сунѓер наквасен во оцетот и Му поднесоа до Неговата уста. 30Штом Исус го прими оцетот, рече: „Се сврши!” па ја наведна главата и го предаде духот. 31Бидејќи беше ден на Подготовка, Јудејците, за да не останат телата на крстот во сабота - зашто таа сабота беше голем ден - го замолија Пилата да им ги скршат колената и да ги симнат. 32Затоа војниците дојдоа и им ги скршија нозете на првиот и на вториот, кои беа распнати со Него; 33и кога дојдоа до Исуса и видоа дека е веќе умрен, не Му ги скршија нозете, 34туку еден од војниците го прободе со копје меѓу ребрата, и веднаш потече крв и вода. 35И очевидецот посведочи, и неговото сведоштво е веродостојно, и тој знае дека зборува вистина - за да верувате и вие. 36Имено, сè ова се случи, за да се исполни Писмото: „Неговата коска нема да се скрши.” 37А на друго место Писмото вели: „Ќе гледаат на Оној, Кого Го прободоа!”

20
19 Исус дојде, застана насреде и им рече: „Мир вам!”
book-open-2 READ

19А вечерта, на истиот прв ден на седмицата, додека вратата, каде беа собрани учениците, беше затворена поради страв од Јудејците, Исус дојде, застана насреде и им рече: „Мир вам!” 20Откако го рече тоа им ги покажа рацете и ребрата. И учениците се зарадуваа, кога Го видоа Господа. 21Тогаш Исус пак им рече: „Мир вам! Како што Ме прати Таткото и Јас ве праќам!” 22Кога им го кажа ова, дувна во нив и им рече: „Примете Свети Дух! 23На кои ќе им ги простите гревовите - простени им се; на кои ќе им ги задржите - задржани им се!”